...Почнав да свирам гитара на мои 11 години, а мојот прв бенд го имав на 14... Тоа време секоја маала имаше барем по една група... Пример ни беа Гром, Мадригали, БТ Топ, Хиподром Лева Патика, Цилиндар, Конкорд, Пекиншка патка, Филм, Идоли, Забрането пушење, Прљаво казалиште, Рамонс, Секс пистолс, Енималс, Битлс... Покрај маалските свирки, и оние во месната заедница „Велко Влаховиќ“, сонот беше да се свири на Рок парада во кино „Партизан“... Тоа беа времиња кога свиреа и по дваесет бендови, а се се береше публика преку 2000 души... Да се победи на Рок парада беше врв на радоста... а и паѓаше по некоја женска да сме искрени.
КАДЕ ВЕЖБАВМЕ? НА ШО ВЕЖБАВМЕ? КОЛКУ АЛБУМИ ИЗДАДОВМЕ? КОЛКУ ОД НАС СТАНАА ПРОФЕСИОНАЛНИ МУЗИЧАРИ КОИ УСПЕАА ДА ЈА „ПРОДАДАТ СВОЈАТА “ МУЗИКА ВО ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА И ПОДАЛЕКУ?
Вежбавме по визби, гаражи, недоправени куќи откако предходно ќе носевме тули, цемент и камења да го одоброволиме газдата, вежбавме по дома, па милицијата не’ имаше во тефтер поради стални пријави, вежбавме на минус, на дожд на снег на било шо, само да свириме...
НА ШО ВЕЖБАВМЕ? На радија и касетофони преправени во појачала, на детергент „Билјана “ како добош, на буре за зимница, на гитари со магнет купен од „Политикин забавник“... И праевме музика. Бевме добри, подобри од скопјани во секој случај.
КОЛКУ АЛБУМИ ИЗВАДОВМЕ? Некои еден, два, некои ич... Битола долго време немаше продукција, студио за цел бенд... Деведесетите веќе се снимаше, но поќе за личен ќеиф... Каде со тој материјал? МРТВ и радијата не пуштаа музика од провинција, беше тешко да се најдеш на нивната програма... Утеха и радост ни беше Радио Битола, „Демо топ 10“...
Стигнавме до Рок фест во МКЦ Скопје 1984/85... Бевме изненадување или шок за публиката и критиката... Џери од Екран се качи на сцена со нас и зеде да тропа на тапани... Не’ поканија на радио емисијата „Три гонга“, но моравме да им однесеме снимка... Снимавме со барот во живо со Ганчо, ние свиревме, а тој не снимаше со еден микрофон од далеку... Толку... Ни снимка ни бутур...
КАКО СМЕ ДЕНЕС? СКОРО 40 ГОДИНИ ПОДОЦНА? Имаме подобри гитари и опрема, супер музичари, но сеуште вежбаме каде ќе стигнеме, албумите се снимаат од џеб за личен кеиф и самопотврда, ретко кој салам го промовирал или го пласирал на национална сцена и подалеку... Немаме букинг, ниту се свири на големи фестивали надвор од Битола... Немаме меѓусебна поддршка, секој тера сам за себе... Не стасавме подалеку...
Колегите од „MOST“ The bridge for Balkan music ја препознаа нашата идеја, да ги промениме на подобро овие мачни состојби, да ја зајакнеме локалната музичка сцена, да личи на нешто, да станеме партнери со Општина Битола, да клаат и тие рака, да работиме на промоција на битолската музичка сцена, на зајакнување на капацитетите, да го обновиме Мајскиот рок хепенинг, да снимаме годишно компилациско ЦД од бендовите, простор за проби, бендовите да свират надвор од Битола, да го заштитат своите авторски права... Да не врват младите музичари по истите стрмнини...
• Креваме веб страна со профили на бендови и артисти како и профили на социјални медиуми за поддршка и промоција на битолската независна музичка сцена, друго
• Ќе организираме јавна панел дискусија за состојбите и ќе бараме чаре заедно со локалната самоуправа.
• Ќе тераме работилници за букинг, продуција, музички менаџмент, промена на локалната културна политика во делот за независна музичка сцена.
• Ќе пиеме кафе, тоа сигурно,
• Ќе снимаме едно кратко филмче за сцената, за да покажеме пред и после
• Ќе спакуваме едно пусулче како нов културен документ со критериуми за поддршка на независната музичка сцена на Битола...
Не чинат луѓето тоа го знајме. Пошто Ти чиниш, дај приклучи се. Ако не ја биде пак ќе пиеш кафе и ќе имаш поќе за критикување, ако успееме, ќе прајме ќеф. Оти има само две места каде се оди сам. Во тоалет и во гроб... Се друго се прај со другари... Шо би рекле скопјаништана
„За бенд ти треба френд“...