Стиховно војување е музичка рап група од Битола, оформена на 22 декември 2006 година од петмина основачи: Христијан Аџиоски – Кичо, Васко Мирчевски, Жанко Котевски, Дејан Лутовски и Мартин Шишкин.
Почетоците на оваа група водат уште пред нејзиното официјално оформување. Првата демо снимка е направена во август, 2006 година, од Кичо и Васко, насловена како „Животот и Реалноста“, снимена во детската соба на Васко, со првата нискобуџетна опрема.
Неколку месеци подоцна доаѓа до запознавање на двете помали групи, односно помеѓу Кичо, Васко и Жнако и Декс и Шишкин и давање идеја за оформување на една поголема група под името Стиховно војување.
Првата официјална демо снимка како Стиховно војување се реализира во јануари 2007 година, а три месеци подоцна го имаат и својот прв настап во живо. Подоцна бројот на стапи значително се зголемува, како во Битола, така и пошироко низ Македонија. Летото, во 2008 година го отвораат своето прво студио и започнуваат да функционираат и постојат под своја продукција „Feel tha mic records“.
Во текот на својата активност на македонската рап сцена, Стиховно војување има објавено повеќе од 150 песни, а меѓу нив и четири студиски албуми „Ништо нема да нѐ промени“ (2009), „Шоуто мора да продолжи“ (2011), „Ме научи да научам“ (2011) и „Сега или некогаш“ (2013). Освен тоа, Стиховно војување имаат снимено и тринаесет видеозаписи за песните: „Понуда“ (2009), „Навикнавме“ (2010), „Дива лига“ (2010), „Ми треба“ (2011), „Супер изроди“ (2011), „Нашите песни“ (2011), „Модерен заплет“ (2012), „Кога си тука“ (2012), „Сега или некогаш“ (2012), „Запри го возот“ (2013), „Диета“ (2014), „Cypher“ (2016) и „Поинаков свет“ (2023).
Од 2010 до 2018 година, Стиховно војување се јавуваат и како организатори на најголемиот традицонален фестивал на урбаната култура во Битола, BUS Fest, настан кој беше од меѓународен карактер, на којшто имаат земено учество десетици артисти од Македонија и соседните земји, како млади, така и докажани ветерани на музичката сцена.