Паркети се рок , панк група од Битола, Република Македонија. Формирана е во 1991 година од Сашо Паркет, Славе Паркет и Себастијан Паркет. Познати се по своите настапи во живо, изгледот и смислата за хумор.
Паркети биле оформени една деценија по првиот бран на панк музикта, кога веќе сè било слушнато и видено, од Sex Pistols преку Ramones, па и Шарло акробата и Пекиншка патка на просторите на Југославија. Во Битола, на крајот на осумдесеттите години, постоеле само неколку „андерграунд“ бендови кои правеле своја музика и само едно подрумско диско каде не се слушало турбо фолк. Со падот на Југославија, државата повеќе не ги контролирала медиумите, па започнале да се отвораат нови приватни радија и телевизии, што му отворило место на сè и на секој. На Радио Битола и на некои локални телевизии започнале да се прават топ листи на „демо“ бендови на кои секој можел да гласа за својот омилен. Паркети секогаш имале препознатлив и специфичен звук. Нивните текстови секогаш имаат рима, но, како што сакаат да кажат членовите, текстовите се „апстракни“. Пример за „апстракноста“ во текстовите е песната „Супермен“ - „Нешто лета, црвено е, дали е фен? Не е фен - тоа е Супермен“. Првиот албум го снимиле во 1996 година и е именуван „Грижа на совеста“, а вториот - „Газирана хармонија“ бил снимен во 1998 и на него бендот има различен состав, односно на местото на Сашо Паркет - вокалист е неговиот брат. Сашо се враќа во бендот на почетокот на новиот милениум.