„Фолтин“ е една од најпознатите групи од Битола, Македонија, која постои од 1997 година. Групата учествувала на многу музички и театарски фестивали во Македонија, Хрватска, Италија, Австрија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Франција, Унгарија, и неколкупати биле наградени за нивната работа.

Музиката на „Фолтин“ обично се опишува како надреална, страсна и жива, со жешка танцувачка атмосфера, која ја постигнуваат со брзите македонски ритми. Иако групата користи стандардни музички елементи, пристапот во градењето на атмосферата е непредвидлив и оригинален. Музичкиот јазик на „Фолтин“ е имагинарна смеса или фонетска имитација на јазици, како што се: шпански, француски, португалски, романски, таканаречен „спонтан есперанто“ итн. „Фолтин“ себеси се опишуваат како псевдоемигрантско кабаре, и често нивните концерти се претвораат во вистински перформанси. Но, тоа не е воопшто чудно имајќи го предвид фактот дека членовите на групата работеле на музика за театарски претстави.

Групата „Фолтин“ се одликува со богата концертна активност, а од многубројните настапи треба да се издвојат: настапот на брод на реката Сена, двата настапи во затвори во Франција, концертот во едне клуб на Пигал, во Париз, концерт на брод на Охридското Езеро итн. Од просторите на поранешна СФРЈ, групата најмногу настапувала во Словенија, каде вообичаено ги започнувала и завршувала своите турнеи во овој регион.

На 21 ноември 2014 година, во Универзалната сала во Скопје, „Фолтин“ одржале концерт како дел од фестивалот „Скопје креатива“.[4] На 10 декември 2016 година, групата настапила на завршната вечер на 18. издание на фестивалот „Таксират“, во „Метрополис арената“.[5] Во текот на 2016 година, групата одржала околу 40 концерти, а покрај тоа работела и на музиката за неколку македонски документарни филмови и за еден игран филм.
Членови на „Фолтин“ се:
 
  • Бранислав Николов - вокал и акустична гитара
  • Пеце Трајковски - хармоника и акустична гитара
  • Пеце Николовски - кларинет и усна хармоника
  • Петар Димитровски - клавијатури, електрично пијано и органа
  • Славе Јовев - тапани
  • Гоце Јовановски (од 2005 година) - контрабас и бас-гитара
  • Исто така, Марјан Станиќ е редовен надворешен соработник на групата, кој свири на повеќе албуми.

Дискографија

  • Outre-Mer (1997)
  • Archimed (2000)
  • Donkey Hot (2003)
  • Lo-Lee-Ta-Too (2005)
  • Penelope X (заеднички проект со Никола Коџобашија и Гоце Стефковски) (2011)
  • Оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо (2008)
  • Антитело (2012).
  • Пијан славеј (2015)